Доколку даночен обврзник којшто е регистриран за целите на ДДВ изврши промет кон друг даночен обврзник којшто исто така е регистриран за целите на ДДВ и доколку прометот опфаќа:
- градење, вклучувајќи одржување, реконструкција и отстранување на градби или нивни делови, кога примател на прометот е инвеститорот, а вршителот на прометот е изведувачот на работите и во случај кога примател на прометот е изведувачот, а вршител на прометот е подизведувачот на работите, согласно со законот со кој се уредува градењето;
- промет со употребен материјал и употребен материјал кој не може повторно да се користи во иста состојба, отпад, индустриски и неиндустриски отпадни материјали, отпаден материјал кој може да се рециклира, делумно преработен отпад и
- пренос на движен и недвижен имот во постапка на присилна наплата согласно со Законот за даночна постапка и во постапка за присилно извршување согласно со Законот за извршување, кога доверителот се стекнува со доброто
тогаш, согласно член 32-а став 1 од Законот за данокот на додадена вредност, даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот. Добрата и услугите за чиј промет даночен должник е примателот на прометот се наведени во „Одлука за определување на добрата и услугите за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен промет од страна на друг даночен обврзник“. Во фактурата којашто е издадена од даночниот обврзник којшто го извршил прометот задолжително се наведува фразата „пренесување на даночна обврска“.
Во овој случај, примателот на прометот е оној којшто има обврска да го пресмета, пријави и плати данокот на додадена вредност. Во сметководствената евиденција на примателот на прометот, пресметаниот данок се искажува на сметката 230 (на соодветна аналитичка сметка), а доколку примателот на прометот има право на одбивка на претходниот данок, тогаш истиот износ се евидентира и на сметката 130 (на соодветна аналитичка сметка).
Даночниот обврзник кој врши промет на добра и услуги, за кој даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот, заедно со ДДВ пријавата (образецот „ДДВ-04“) има обврска да достави „Извештај за извршени промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот“ (образец „ДДВ-ИПДО“), a даночниот обврзник кој прима промети на добра и услуги, за кој е даночен должник согласно член 32-а од Законот за данокот на додадена вредност, има обврска да изготви „Извештај за примените промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обрзник примателот на прометот“ (образец „ДДВ-ИПДО/П“) и да го достави заедно со ДДВ пријавата.