Согласно член 24 став 1 од Законот за ДДВ, ослободени од данокот на додадена вредност се испораките на добра кои се превезуваат или испраќаат во странство кон примател чие седиште е во странство. Дополнително, ослободен од данокот на додадена вредност е и меѓународниот превоз на добра за извоз, како и другите услуги коишто се извршуваат во непосредна врска со извозот на добрата.
Обврска на даночниот обврзник (фирмата) е да ја докаже исполнетоста на условите за овие даночни ослободувања. Имено, за прометот којшто даночниот обврзник го извршил кон примател од странство задолжително мора:
- да биде издадена фактура којашто ги содржи неопходните елементи
- да постои доказ дека извозот навистина е извршен
Под доказ за извршен извоз се подразбира документ од којшто на јасен и недвосмислен начин може да се види дека доброто е превезено или испратено во странство. Согласно Правилникот за спроведување на Законот за ДДВ, овој доказ е:
- извозната потврда внесена на третиот примерок од Единствениот царински документ (ЕЦД) кога во рамки на извозната постапка не се применува техника за електронска обработка на податоци
- пораката IE599 (известување за извоз) којашто системот ја праќа за излез на стоката од царинското подрачје на Македонија кога во рамки на извозната постапка се применува техника за електронска обработка на податоци. Оваа порака има иста важност како и печатот кој се става на задната страна од листот бр. 3 од ЕЦД
- документ којшто содржи: податоци за даночниот обврзник и примателот на доброто (назив и адреса), трговски вообичаена ознака и количина на извозното добро, место и ден на извозот, како и потврда за извршен извоз издадена од надлежниот царински орган во случаи кога се спроведува извозна царинска постапка без примена на техника за електронска обработка на податоци или ЕЦД
Двата наведени услова (издавање фактура и обезбедување доказ за извршен извоз) мора да бидат исполнети кумулативно со цел да се искористи даночното ослободување при извоз. Ова значи дека доколку даночниот обврзник има издадено фактура, но со неа нема приложено доказ дека извозот е извршен, даночното ослободување не може да се искористи.
Одговорноста за даночната устроеност е кај самиот даночен обврзник (фирма).
Преку давање стручни мислења и консултации, нашиот тим им помага на даночните обврзници во процесот на нивно устројување со даночните прописи.
Знаењето коешто го поседуваме во областа на даноците е еден од клучните фактори за успехот на нашите клиенти!
Вашиот успех го градиме тимски!