Во современото работење, сè поголем број македонски компании користат услуги од странски правни лица, како што се: Google, Meta (Facebook), Microsoft, Adobe, Amazon и други даватели на дигитални и софтверски услуги. Иако фактурите за ваквите услуги не содржат ДДВ, за македонските компании постојат јасно дефинирани даночни обврски согласно Законот за ДДВ.

Даночен должник

Кога македонски даночен обврзник прима услуга од странски даночен обврзник кој нема ниту седиште, ниту подружница во Македонија и кога, согласно член 14 од Законот за ДДВ, местото на прометот на услугата е Македонија, за даночен должник се смета примателот на услугата, односно македонската компанија.

Ова значи дека македонската компанија има обврска сама да пресмета ДДВ на вредноста на примената услуга и пресметаниот ДДВ да го искаже како обврска во ДДВ пријавата. Доколку примената услуга е за цели на нејзината дејност, македонската компанија истовремено има право истиот износ да го искаже и како претходен (влезен) данок.

Пример

Да претпоставиме дека македонска компанија, која е регистрирана за целите на ДДВ, примила фактура од Amazon Web Services EMEA SARL за cloud и хостинг услуги во износ од 1.000 евра. Во фактурата не е пресметан ДДВ.

Согласно Законот за ДДВ, бидејќи Amazon Web Services EMEA SARL е даночен обврзник кој нема ниту седиште, ниту подружница во Македонија, даночен должник е македонската компанија. Во овој случај, македонската компанија има обврска да пресмета ДДВ по стапка од 18% на даночната основа, односно ДДВ во износ од 180 евра во денарска противвредност (1.000 × 18% = 180) и да го искаже во ДДВ пријавата.

Во сметководствената евиденција:

  • износот од 180 евра во денарска противвредност се искажува како обврска за ДДВ, а
  • доколку компанијата врши оданочив промет и има право на одбивка, истиот износ од 180 евра се искажува и како претходен (влезен) данок.

Ефектот врз конечната обврска за ДДВ е неутрален, но обврската за пресметка и пријавување постои и нејзиното непочитување може да доведе до проблеми при контрола од страна на УЈП.

Најчестата грешка во пракса е мислењето дека „ако нема ДДВ во фактурата, нема ниту обврска“.

Поради честите промени во законската регулатива и сложеноста на ДДВ третманот на услугите од странство, компаниите треба да бидат особено внимателни при нивното евидентирање и пријавување.

ЛД АКТИВ ТИМ за клиентите обезбедува стручна поддршка и консултации за правилен и безбеден даночен третман на странските фактури. Знаењето коешто го поседуваме во областа на даноците е еден од клучните фактори за успехот на нашите клиенти! Вашиот успех го градиме тимски!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *