Согласно одредбите во актуелниот Закон за данокот на добивка (Службен весник на РМ бр. 112/14, 129/15, 23/16, 190/16, 248/18, 158/19, 232/19, 275/19 и Службен весник на РСМ бр. 290/20, 151/21 и 199/23), даночната основа за пресметка на данокот на добивка се намалува за износот на извршените вложувања од добивката (реинвестираната добивка).
На пример, да претпоставиме дека Вашата компанија е даночен обврзник за данокот на добивка и дека остварената нето добивка во 2022 година е 600.000 денари. Вие, како единствен сопственик, којшто истовремено е и управител на компанијата, сте донеле одлука за реинвестирање на целиот износ на остварената добивка.
Следно, да претпоставиме дека во 2023 година Вашата компанија ја искористила реинвестираната добивка и набавила нова машина за 600.000 денари заради зголемување на производствениот капацитет, а бруто добивката којашто е остварена во 2023 година изнесува 900.000 денари.
Под претпоставка дека друштвото нема никакви непризнати расходи во 2023 година, при пресметување на износот на данокот на добивка за 2023 година, износот на реинвестираната добивка (600.000 ден.) се одзема од даночната основа (којашто во овој случај е остварената бруто добивка во износ од 900.000 ден.). Со оглед што даночната стапка на данокот на добивка е 10%, пресметаниот износ на данок на добивка за 2023 година е 30.000 денари ((900.000 – 600.000) х 10% = 30.000).
Доколку нето добивката од 2022 година не беше реинвестирана, износот на данокот на добивка за 2023 година би бил 90.000 денари (900.000 х 10% = 90.000). Во овој пример, со реинвестирање на добивката, Вашата компанија заштеди 60.000 денари.